Tuesday, January 6, 2009

Шар Планина

Шар Планина

Титов врв (2747 мнв)

На Титов врв кој се наоѓа на масивот Шар Планина се стигнува преку Тетово од Попова Шапка по асфалтен пат, со возило или организирано, со комби-превоз од Тетово. Редовна автобуска лија не постои, а жичарата работи само во зима. Попова Шапка е оддалечена од Тетово 20 км. Доколку одлучите да ноќевате, тогаш можете да го сторите тоа во пл. дом „Смрека“, во манастирот или некој од хотелите. Патеката е маркирана. Од Попова Шапка или Јелак има неколку можни правци за искачување на врвот, во зависност од расположивото време и желбите. Најкратка и најтешка е патеката преку која директно се искачува на Церипашина. Од тука по гребенот преку Карабунар, врвот Бакардан до Титов врв, патеката е маркирана. Маркацијата за трансверзалата Планини на Македонија - ПМ започнува од Попова Шапка и остатоците од уништениот пл. дом Јелак. Двете патеки се спојуваат пред Орлови стени. Патеката од Попова Шапка се движи по широки ливади, а пред Орлови стени излегува на широк пат. Патеката од планинарскиот дом Јелак води по широкиот пат па се до Орлови стени. Од Орлови стени - Вакуфски бачила, патеката свртува десно покрај Палчишка река, према подножјето на Бакардан и се движи по широки ливади. По левата страна на Бакардан патеката се искачува до седлото помеѓу Титов врв и Бакардан, а потоа продолжува по гребенот до врвот. До Титов врв од Попова Шапка или од пл. дом Смрека, потребни се 4,5 часа пешачење. Патеката е маркирана. Печатот се наоѓа во планинарскиот дом Смрека.

Титов врв може да се искачи и по самиот срт, прво покрај жичарата према врвот Церипашина (има разни антени на самиот врв), потоа по самиот срт преку Бакардан се спушта патеката до преслапот под Титов врв и тука се спојува со другата патека.

Љуботен (2468 мнв)

На врвот Љуботен кој се наоѓа на масивот Шар Планина, се стигнува со автобус од Тетово до с. Вратница, евентуално може да се стигне и до Старо село по асфалтен пат. Маркацијата трансверзалата Планини на Македонија ПМ започнува од мостот на Вратничка река. После мостот патеката врти лево, поминува покрај 2 куќи и постепено навлегува во шумата. После половина час пешачење патеката се искачува на широк пат, а после 15 минути одење, на една остра кривина се напушта широкиот пат и патеката навлегува пак во шума, за после половина час повторно да излезе на широкиот пат. Од тука па се до планинарскиот дом „Љуботен“ патеката се движи по широкиот пат, со една мала кратенка пред домот. За овој дел од патеката ви се потребни 3 часа. Оние кои имаат моторно возило можат да дојдат до домот по макадамски пат од Старо село.

Од домот до врвот планинaта е гола и има трасирана патека која е добро маркирана. Патеката води по падината над пл. дом право нагоре до почетокот на сртот кој завршува на врвот. Од домот до врвот ви се потребни 2 часа, а патеката која оди преку гребенот има стара маркација (поголемиот дел од гребенот е гранична линија). Гребенот е доста тесен и потребно е внимание посебно во зимските месеци.

Врвот може да се искачи и од западна страна. По напуштањето на домот после 20-тина минути не се продолжува право према сртот туку се врти лево по патека која води по изохипса под Козја стена. Кога ќе се стигне на преслапот (тука сте веќе на граничната линија) се врти десно и по гребенот се стигнува на врвот. Печатот се наоѓа во пл. дом „Љуботен“. Домот обично работи на претходна најава дури и во летните месеци.

/www.macedonium.org/Macedonium.aspx?jazik=2&kid=9&pid=31&ppid=267&tid=1510

No comments:

Post a Comment