Sunday, January 11, 2009

Кокино, Македонија


Кокино (локалитет)

Од Википедија, слободна енциклопедија

Мегалитската опсерваторија Кокино се наоѓа во атарот на Општината Старо Нагоричане, на околу 50 километри воздушна линија од Скопје, односно 35 км оддалеченост од Куманово. Таа е поставена на врвот „Татичев камен“, а името го добила по најблиското село Кокино.

Опсерваторијата случајно е откриена во 2001 год., а во 2002 год. се започнати истражувањата од страна на Народниот музеј во Куманово, предводени од археологот Јовица Станковски. Таа е датирана во 1800 год. п.н.е., односно раното бронзено време.

Мегалитската опсерваторија се наоѓа на неовулкански рид. Карпите се создадени со стврднувањето на лавата, која истекла од вулкански кратер. Времето и ерозијата направиле процепи и дел од тие процепи биле главните маркери низ кои се следеле циклусите на Сонцето и Месечината и се мерело времето.

Камените маркери во минатото ги означувале местата за изгревање на Сонцето и Месечината во периодите на кусодневица, рамнодневица и долгодневица, како и нивните отклони. Сонцето, всушност, само на рамнодневиците - на 21 март и на 21 септември - изгрева точно на Исток и заоѓа точно на Запад. Потоа постепено има отклонување до 45 степени.

Местата на изгревање кои се опфаќаат со природните маркери на мегалитните стени во Кокино укажуваат дека изгревањата на исто место на Сонцето се повторуваат на 18,6 години. Веројатно некои членови на племенската заедница имале задача секојдневно да ги следат движењата на небесните тела и да прават календари за одредување на деновите за ритуалните обреди, како и за започнување на сезонските работи во земјоделството и сточарството. Опсерваторијата е сместена на две скалести платформи од кои се следеле планетите. На горната платформа се пронајдени траги од неколку објекти и делови на керамика.

Според наодите на археолозите, на локалитетот Кокино, всушност, немало живеалишта туку дека опсерваторијата воедно била и светилиште, а во процепите на стените се ставале предмети наменети за нивните божества. На локалитетот има и еден вид престол, каде што, најверојатно, седеле старешините и водачите на племето.

Мегалитната опсерваторија во Кокино се вбројува меѓу највредните стари опсерватории во светот. Заради тоа, во 2005 год. американската вселенска агенција НАСА во листата од 15 вакви опсерватории во светот го рангираше Кокино на четвртото место.

Првите четири опсерватории според НАСА се:

  1. Абу Симбел - Египет
  2. Стоунхенџ - Велика Британија
  3. Ангкор Ват - Камбоџа
  4. Кокино - Република Македонија

No comments:

Post a Comment