Sunday, January 11, 2009

Баргала, Штип, Македонија


Баргала

Баргала е еден од позначајните доцноантички градови во Македонија чие име етимолошки се врзува за реката Брегалница. Тој е лоциран на 12 км североисточно од градот Штип, во месноста Горен Козјак крај Козјачка Река во подножјето на планината Плачковица. Истражувањата на овој локалитет за првпат се започнати во 1966 год. под раководство на д-р Блага Алексова. Во седумдесеттите години на локалитетот работела југословенско-американска екипа во кој период е откриена епископската базилика. Последниве години ископувањата на Баргала се под раководство на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј од Штип. Досега е истражена само една десетина од целиот локалитет, бидејќи истиот зафаќа површина околу пет хектари.


Историја на градот

Градот се развил од доцноримски воен логор (каструм), кој бил изграден како тврдина на граничниот појас меѓу провинциите Втора Македонија и Средоземна Дакија. По губењето на стратешкото значење Баргала прераснала во цивилен - епископски град. Во V век, а особено во времето на Јустинијан I (527-565), градот го достигнал својот врв, но кон крајот на VI век во неколку наврати настрадал од варварските инвазии кои го треселе Балканот. Градот не бил потполно напуштен меѓутоа опстојувал како неурбанизирана населба. Понатаму во средниот век се оформува нова населба чиј белег е црквата "Свети Ѓоргија" изградена кон крајот на втора половина на IX век. Околу црквата Св. Ѓорги е откриена некропола која според наодите егзистирала почнувајки од VII век.

Објекти

Во текот на Втората светска војна најден е натпис на камена плоча во кој се споменувал градот Баргала и тоа биле првите почетни чекори за да се дојде до истражување на самиот град. Натписот, кој е латински, е датиран во 371 год. и содржи информација за градењето на градска порта во Баргала од страна на Антониј Алипиј, управник на провинцијата.

Градот има неправилно правоаголно обѕидие, со површина 280х185/150м. (4,7ха) и ориентација северозапад-југоисток. Големите и цврсти камени ѕидови, со широчина 2,30 метри, биле зајакнати со 20 четвртести кули, а во внатрешноста имало простории во кои биле сместени војниците и коњите. Главниот двоен влез се наоѓал речиси на средината на западниот бедем.

Во северозападниот агол на тврдината е откриен скоро во целост епископиумот на градот, епископска базилика и нејзиниот дворен простор, во кои се наоѓаат крстилница со мозаични површини, во просторот на бањата сочувани се и делови од мозаик. Потоа откриени се цистерна за вода, и две бањи - доцноантичка голема и мала бања. Споменатата голема бања е лоцирана на просторот помеѓу двориштето на епископската базилика и северозападниот градски бедем. Станува збор за добро сочуван комплексен објект со поединечни простории меѓусебно функционално поврзани. Покрај тоа се откриени и делови од стопански и станбени објекти.


Епископската базилика е откриена во северозападен дел е градот. Таа подигната кон крајот на IV век, а обновена, односно преѕидувана и ремоделирана, во V-VI век. Таа претставува објект изграден по стандардниот тип на старохристијански градби од Балканскиот Полуостров и Медитеранот. Од архитектонска гледна точка е трикорабна базилика со полукружна апсида однатре и однадвор и со внатрешен нартекс и егзонартекс. Од внатрешноста на базиликата, особено впечатливи се подовите обложени со камени плочи, освен северниот, што бил решен со полихромен мозаик. Како најубав се издвојува подот од презвитариумот, што бил обложен со бели и сиви плочи во opus sectile. Објектот изобилува со богата архитектонско декоративна пластика меѓу која особено се истакнуваат мермерните капители на украсени со глави од лавови и лисја од винова лоза, како и неколку парапетни плочи. На еден капител на влезниот трибелон во ексонартексот пронајден е натписот: ”Христе, помогни му на твојот роб, епископот Хермија”. Споменатиот епископ и епископите Филип и Евстатиј од двете епископски базилики во Стоби, се обележани како ктитори на базиликите.

Во близина на градските бедеми на Баргала, западно од нив, во 1984 год. е откриен еден старохристијански објект од крајот на IV век. Тоа е extra muros базилика, трикорабна, со издадена апсида, со нартекс и егзонартекс и со под обложен со камени плочи кои биле луксузно орнаментирани. Покрај јужниот бедем и југоисточната кула, надвор од границите на овој локалитет, се наоѓа средновековната црква Св. Ѓорѓи, околу која е откриена некропола.


Преземено од Wikipedia

No comments:

Post a Comment