Sunday, January 11, 2009

Плаошник, Охрид, Македонија

Плаошник
Plaosnik 1.jpg

Најмонументалниот црковен објект во Македонија е црквата Св.Пантелејмон на Плаошник позната уште и како Свети Климент. Таа во литературата важи за најрепрезентативен средновековен словенски споменик во Македонија.

Врз основа на археолошките ископувања посведочени се три фази во нејзиниот развој. Непосредно во годините по признавањето на христијанството за рамноправна религија во Римската империја, а најдоцна до почетокот на V век, на Плаошник биле подогнати две монументални базилики. Првата е Поликонхалната базилика, а пак, втората е на местото на денешниот Св.Пантелејмон. Она што е карактеристично за втората базилика е монументалноста на нејзината градба. Особено, здивот запира пред репрезентативноста на крстилницата и неговиот поден мозаик. Притоа, како еден од ранохристијанските симболи, на подниот мозаик се забележува свастиката. Таа е всушност стар индоевропски симбол на вечниот оган, кој во христијанството го симболизира вечниот живот. Свастиката во ранохристијанската симболика се јавува како влијание од истокот.

По доаѓањето на Словените на овие простори, во периодот од средината на VI и почетокот на VII век, постепено замира градењето на христијански објекти. Ова од причина што Словените како пагани ги рушеле христијанските градби во градовите кои ги освојувале.

Поради ова, но и поради премрежјата кои со себе ги носел византиско – бугарскиот конфликт од средината на IX век, монументалноста на црковните градби на Плаошник опаднала. Тие, сега (VII – IX в.) биле во урнатини, а на нивно место единствено егзистирала помала црковна градба. Меѓутоа, со христијанизацијата на македонските Словени, а посебно по доаѓањето на Св.Климент во Охрид, црковниот живот во градот и околината добил на интензитет. Се претпоставува дека на иницијатива на Св.Климент, стариот црковен објект бил обновен во лицето на прекрасната црква Св.Пантелејмон. На тој начин повторно се обновило црковното значење на Плаошник.

POLIKONHALNA_BAZILIKa.jpg

По смртта на светецот, на јужната страна од црквата Св.Пантелејмонт биле погребани неговите мошти. Според пишувањето на охридскиот архиепископ од XI век, Теофилакт Охридски, црквата во времето пред изградбата на Света Софија имала катедрална улога. Првата реставрација на црквата се датира во XII век, а втората во XIII век.

По доаѓањето на Османлиите на овие простори, Св.Пантејелмон била претворена во џамија, позната како Имарет – џамија. Што се однесува пак, до моштите на Св.Климент, тие најпрво биле пренесени во црквата „Стар Св.Климент“, а подоцна во Богородица Перивлепта. Во 1941/42 г. Кирил Прличев (син на Григор) во тогашната Имарет џамија, успеал да ја најде криптата (гроб) во која биле погребани моштите на светецот во IX век и во кои почивале се до нивното пренесување во Стар Св.Климент.

Во 2001 година, на иницијатива на тогашниот премиер на Р.Македонија, Љубчо Георгиевски, а со голема помош на Министерството за култура на чело со Ганка Самоилова – Цветанова и вработените во Заводот за заштита на културните споменици и Музејот на Охрид, беа извршени капитални реставраторско – конзерваторски работи на Плаошник. Целосно е изградена црквата Св.Пантејелмон, извршена е конзервација на крстилницата, атриумот, цивилната базилика, трпезаријата и Поликонхалната базилика. Притоа конзерваторските работи се извршени на високо професионално ниво. Ова особено важи за Поликонхалната базилика и крстилницата.

No comments:

Post a Comment