Манастирот Свети Наум Манастирот Свети Наум се наоѓа на најјужната страна од Охридското Езеро, непосредно до Македонско-албанската граница. Подигањето на манастирот е поврзано со името на Свети Наум, најблизок соработник на Свети Климент Охридски. Податоци за животот и дејноста на Свети Наум се наоѓаат во три житија. За него слово составил и охридскиот архиепископ Константин Кавасила. Во Историскиот архив во Охрид се наоѓа Летопис од еден свештеник од втората половина на XIX век. Во него се изнесени низа интересни детали за изградбата на манастирот, имотите со кои располагал, како и за животот на игумените. Меѓу другото е изнесен и податокот за катастрофалниот пожар што се случил ноќта меѓу 2 и 3 февруари 1875 година, кога до темел изгорел најголемиот дел од манастирскиот комплекс.  Инаку, Свети Наум Охридски, пред крајот на својот живот, го подигнал манастирот Свети Архангел, и во него е погребан во 910 година. Наумовата црква била налик на Климентовиот манастир - Свети Пантелејмон во форма на детелинка со три листови. Од неа, по завршувањето на Втората светска војна, при археолошките истражувања, пронајдени се само темелите и дел од ѕидовите. Црквата не се знае кога е разрушена, но се претпоставува дека тоа е направено пред доаѓањето на Турците. За време на Османлискиот период ( се претпоставува дека е тоа XVI век ) на темелите на старата црква е подигната сегашната црква и тоа во две фази. Сегашната форма е во облик на впишан крст во квадратно пространство со купола, која е поставена на четири столбови. Над нартексот е додадена слична купола со висок тамбур. Гробницата на Свети Наум се наоѓа на јужната страна во посебен дел. Во црквата не се зачувани фрески од времето на Свети Наум, ниту пак со истражувањата што се направени е потврдено дека постоело сликарство на почетокот на X век. Според натписите што можат да се најдат во црквата, живописувањето е направено во времето на игуменот Стефан во 1806 година. Тоа го направил зографот Трпо, син на мајсторот Константин од Корча- Албанија.  Особено импресионираат сцените од животот и чудата на Свети Наум Охридски. Тие се насликани во втората зона од Наумовиот гробен параклис. Петте сцени што се насликани се прераскажуваат од генерација на генерација и се вброени како Наумови чуда. Тоа се композициите "Впрегнување на мечката во јаремот", "Вкочанување на монахот што се обидел да го украде телето на Свети Наум од неговиот гроб", "Лекување на нервно заболени", "Крадец на коњ кого зората го затече пред вратите на манастирската црква" и "Ведрото остава вдлабнатина во каменот". Доминантно е верувањето дека Свети Наум имал способност да ги лекува душевно заболените лица. Според некои извори во кругот на манастирот во 1662 година имало и "болница".  Иконостасот во црквата е работен во резба во 1711 година. Авторите на резбата не се познати. Тие биле под влијание на резбарските традиции од Света Гора и направиле навистина исклучително уметничко остварување. Истата година зографот Константин работел на иконите - престолните и празничните, меѓу кои посебно се истакнуваат "Распетието Христово" и "Влегувањето во Ерусалим". Иконите од иконостасот се смета дека се меѓу најдобрите остварувања од првата половина на XVIII век.  На столбовите во припратата на црквата се наоѓаат две кирилски и еден глаголско-кирилски натпис, од крајот на X до XII век. Тие се сведоштво за најстарите словенски писма ( глаголицата и кирилицата ) во Охрид. |
No comments:
Post a Comment