Showing posts with label macedonia. Show all posts
Showing posts with label macedonia. Show all posts

Sunday, January 11, 2009

Лесновски Манастир, Пробиштип, Македонија

Лесновски манастир

Од Википедија, слободна енциклопедија



Лесновски манастир — Во село Лесново, Пробиштипско. Црквата е посветена на Свети Архангел Михаил. Постои мислење дека манастирот бил изграден кога тој се замонашил или пак по неговата смрт, кога се развил култот за подвизнишкиот живот (како што е наведено во краткото негово житие од 1330 година). Времето во кое живеел Гаврил Лесновски не е утврдено. Постои мислење дека тоа треба да се бара во 11 век, а оттаму заклучокот дека манастирот бил изграден во втората половина на 11 век, кога во крајот северно од Брегалница бил развиен силно култот за пустожителите, меѓу кои и за Гаврил.

Легенда

Настанувањето на манастирот се поврзува со животот на пустиникот Гаврил Лесновски. За Гаврил Лесновски постојат повѓе житија, првото е сосема кратко и е напишано во 1330 година. Во опширното житие на пустиножителот од 1868 година стои дека за време на неговиот живот, манастирот постоел и во него тој се замонашил.

Според едно од житијата во средината на XI век во с. Лесново живееле четворицата големи испосници, светители - Јован Рилски, Прохор Пчински, Јоаким Осоговски и Гаврил Лесновски. Четворицата светители или како народот ги именува четворицата духовни браќа скоро 30 години живееле во пост, молитва и строг послужителски живот во пештера во тогашната многу густо пошумена лесновска гора во близина на селото Лесново. Откако оствариле духовна зрелост кај секој од нив се појавила потреба од поединечно продолжување на сопствената духовна мисија. Заминале на четири различни страни и изградиле манастири, при што Гаврил Лесновски останал во с. Лесново и го подигнал (основал) Лесновскиот манастир.

Историја

За првпат во пишани споменици се спомнува во 1330, кога книжевникот Станислав препишал во манастирот пролог, каде го сместил и краткото житие на Гаврил Лесновски. Денес ракописот се чува во Белград. Во 1341 година деспотот Јован Оливер го обновил, а по неколку години бил проширен со вториот дел. На црковниот собир во Скопје, 1347 година од страна на Стефан Душан бил назначен овој манастир за седиште на новоформираната Злетовска епископија, што ја заменила Мородвиската. Веројатно и тоа било причина манастирот да биде проширен.

Во 1381 година повторно бил приложен на манастирот Хилендар. Во 1558 година, при игуменот Неофит, манастирот бил поправен, а во 1581 при игуменот Спиридон, го препокрил кратовскиот болјарин Никола Бојчиќ. Благодарение на жителите на Кратовско и кривопаланечко, манастирот успеал да дотрае низ целиот среден век, па се до денес, зошто од нив бил неколу пати поправан. При крајот на 17 век запустел, но во 1805 го обновил еромохајот Теодосиј. Во 1814, од една белешка гледаме дека тој бил игумен на манастирот. Овој манастир е еден од побогатите книжевни центри во Македонија. Низ повеќе институции надвор од Македонија се чуваат ракописи што се пишувани во него или потекнуваат од неговата богата библиотека. Познати се збирките во: Белград, Софија, Пловдив.

Досега славистиката идентификува значителен број ракописи од овој манастир, од кои позначајни се: Прологот од 1330 година, Минејот од 1342 година, Паранејсот од 1353 година итн. Голем е и бројот на книжевниците што во манастирот ја вршеле својата книжевна дејност. На прв план тоа е Станислав - првиот книжевник од Лесновскиот книжевен центар и оснивач на калиграфската школа; Партенија, негов ученик, псевдонимниот книжевник Тахота, Калиник, Драјко, Радоња, Силвестер, поп Лазар од Кратово, поп Никола итн. Неговото прераснување во книжевен центар се поврзува со фактот што поседувал економски богат статус. Под негова прбижна потчинетост биле многу цркви и манастири, како и села. Да се спомене дека истиот бил и засолниште за на голем број револуционери и ослободителни групи, што се бореле за слобода на Македонскиот народ.

Значење

Манастирот Св. Гаврил Лесновски е еден од најзначајните и најубавите средновековни и сакрални споменици на културата, не само во Република Македонија туку и пошироко. Не само што со своето богатство и содржини на Иконостасот и фреско-сликарството претставува голема мистерија, туку тој е познат и по својата моќ да лекува болни лица. Селаните веруваат дека светецот Св. Гаврил Лесновски ги штити нив, нивното село и манастирот и дека неговиот дух се појавува во одредени периоди од годината. Тие исто така веруваат дека не случајно тука се настанати и селото и манастирот и со гордост истакнуваат дека овој простор е библија.

Најмасовно е за време на празниците на манастирот 21 септември и 28 Јануари, кога доаѓаат голем број на посетители и гости.

Манастир Св. Јован Бигорски, Дебар, Македонија


Манастирот Свети Јован Бигорски

На 2 км. од селото Ростуше, дебарско, на надморска височина од 740 метри се издига манастирот Свети Јован Бигорски. Положен е во впечатливите бигорови карпи на кањонската долина на реката Радика, во прегратките на бујните шуми всадени на северозападните падини на планината Бистра.

Овој неверојатно волшебен предел ги обединува манастирската мистика и човечката идеалност во еден свет кој ги надминува границите на рационалното спознание.

Манастирскиот комплекс го сочинуваат манастирската црква, костурницата, сместена до самата црква, сејменската одбрамбена кула, комплексот манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци. Црквата, најверојатно е настаната врз темелите на некоја постара базилика од XI век, поточно од 1021 година. За тоа се зборува во Зографскиот поменик. Постои голема веројатност, иконата на свети Јован Претеча да била насликана годината кога била подигната и живописана старата црква.

Манастирот, по се изгледа дека претрпел големи оштетувања и разорувања во времето на турското ропство. Денешниот изглед тој го добил во XIX век, кога воедно бил изведен и новиот живопис.

Новата црква е огромна, засводена е со високо издигната купола. Во нејзин состав има камбанарија. Изградена е од обработени блокови од бигор и покриена е со ќерамиди. Нејзината богата внатрешност ја сочинуваат фреските, иконите со иконостасот и нејзиниот дрвен инвентар во кој спаѓаат певниците, столовите, владичкиот трон, амвонот и др. Поголемиот дел од фрескописот, што се наоѓа во големата полукалота на куполата, е дело на познатиот фрескописец Дичо Зограф, којшто е автор на голем број фрески и икони во црквите ширум Македонија. Останатите фрески во помалата полукалота на куполата се настанати од раката на некој малку послаб зограф.

Во тремот на црквата, од левиот и десниот крај, во три зони се распоредени фрески што датираат од XIX век. Во првата зона се предадени фигури на Светци-испосници, додека пак втората зона ја исполнуваат сцени од животот на првите библиски луѓе, Адам и Ева и композицијата “Страшниот суд”.

Споменатиот иконостас на црквата “Свети Јован Бигорски” е еден од најубавите во нашата земја. Изработен е во ситна дрвена резба, и заедно со оној во црквата “Свети Спас” во Скопје, претставува извонредно уметничко остварување на афирмираните копаничарски мајстори Петре Филиповски-Гарката, неговиот брат Марко и Макариј Фрчковски. Тие не пропуштиле да ги претстават во резба своите ликови преку сцената на мајсторот во размислување и неговите содејци како делкаат. Оваа сцена е присутна на иконостасите во обете цркви во кои работеле овие мајстори.

Дрвениот иконостас е поделен во шест хоризонтални појаси. Првиот во основата е составен од правоаголни полиња на кои има орнаменти од флората и фауната. Вториот појас, во кој се поместени престолните икони, завршуваат со фигура на орел со раширени крилја. Третиот појас е поделен на три помали хоризонтални раздели во кои симетрично се распоредени ангели, гроздови и гранки од винова лоза и др. Над нив се наоѓаат два реда икони – празнични и со претстави на апостолите. Во централната партија се наоѓа големиот крст на којшто е претставено Христовото Распетие. На обете страни од крстот стојат фигури на змеј од чии усти се креваат иконите на св. Јован и св. Богородица. Интересна е претставата на танчерката Салома која е облечена во мијачка народна носија.

Манастирскиот амбиент го надополнуваат старите конаци со дрвените пространи чардаци и трпезаријата исполнета со автентичен инвентар од времето на изградбата. Годините се кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век. Посебните гостински конаци нудат можност на секој од посетителите, под одредени услови, да остане подолго време и да ужива во прекрасните изгрејсонца на овој божествен предел.

Баргала, Штип, Македонија


Баргала

Баргала е еден од позначајните доцноантички градови во Македонија чие име етимолошки се врзува за реката Брегалница. Тој е лоциран на 12 км североисточно од градот Штип, во месноста Горен Козјак крај Козјачка Река во подножјето на планината Плачковица. Истражувањата на овој локалитет за првпат се започнати во 1966 год. под раководство на д-р Блага Алексова. Во седумдесеттите години на локалитетот работела југословенско-американска екипа во кој период е откриена епископската базилика. Последниве години ископувањата на Баргала се под раководство на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј од Штип. Досега е истражена само една десетина од целиот локалитет, бидејќи истиот зафаќа површина околу пет хектари.


Историја на градот

Градот се развил од доцноримски воен логор (каструм), кој бил изграден како тврдина на граничниот појас меѓу провинциите Втора Македонија и Средоземна Дакија. По губењето на стратешкото значење Баргала прераснала во цивилен - епископски град. Во V век, а особено во времето на Јустинијан I (527-565), градот го достигнал својот врв, но кон крајот на VI век во неколку наврати настрадал од варварските инвазии кои го треселе Балканот. Градот не бил потполно напуштен меѓутоа опстојувал како неурбанизирана населба. Понатаму во средниот век се оформува нова населба чиј белег е црквата "Свети Ѓоргија" изградена кон крајот на втора половина на IX век. Околу црквата Св. Ѓорги е откриена некропола која според наодите егзистирала почнувајки од VII век.

Објекти

Во текот на Втората светска војна најден е натпис на камена плоча во кој се споменувал градот Баргала и тоа биле првите почетни чекори за да се дојде до истражување на самиот град. Натписот, кој е латински, е датиран во 371 год. и содржи информација за градењето на градска порта во Баргала од страна на Антониј Алипиј, управник на провинцијата.

Градот има неправилно правоаголно обѕидие, со површина 280х185/150м. (4,7ха) и ориентација северозапад-југоисток. Големите и цврсти камени ѕидови, со широчина 2,30 метри, биле зајакнати со 20 четвртести кули, а во внатрешноста имало простории во кои биле сместени војниците и коњите. Главниот двоен влез се наоѓал речиси на средината на западниот бедем.

Во северозападниот агол на тврдината е откриен скоро во целост епископиумот на градот, епископска базилика и нејзиниот дворен простор, во кои се наоѓаат крстилница со мозаични површини, во просторот на бањата сочувани се и делови од мозаик. Потоа откриени се цистерна за вода, и две бањи - доцноантичка голема и мала бања. Споменатата голема бања е лоцирана на просторот помеѓу двориштето на епископската базилика и северозападниот градски бедем. Станува збор за добро сочуван комплексен објект со поединечни простории меѓусебно функционално поврзани. Покрај тоа се откриени и делови од стопански и станбени објекти.


Епископската базилика е откриена во северозападен дел е градот. Таа подигната кон крајот на IV век, а обновена, односно преѕидувана и ремоделирана, во V-VI век. Таа претставува објект изграден по стандардниот тип на старохристијански градби од Балканскиот Полуостров и Медитеранот. Од архитектонска гледна точка е трикорабна базилика со полукружна апсида однатре и однадвор и со внатрешен нартекс и егзонартекс. Од внатрешноста на базиликата, особено впечатливи се подовите обложени со камени плочи, освен северниот, што бил решен со полихромен мозаик. Како најубав се издвојува подот од презвитариумот, што бил обложен со бели и сиви плочи во opus sectile. Објектот изобилува со богата архитектонско декоративна пластика меѓу која особено се истакнуваат мермерните капители на украсени со глави од лавови и лисја од винова лоза, како и неколку парапетни плочи. На еден капител на влезниот трибелон во ексонартексот пронајден е натписот: ”Христе, помогни му на твојот роб, епископот Хермија”. Споменатиот епископ и епископите Филип и Евстатиј од двете епископски базилики во Стоби, се обележани како ктитори на базиликите.

Во близина на градските бедеми на Баргала, западно од нив, во 1984 год. е откриен еден старохристијански објект од крајот на IV век. Тоа е extra muros базилика, трикорабна, со издадена апсида, со нартекс и егзонартекс и со под обложен со камени плочи кои биле луксузно орнаментирани. Покрај јужниот бедем и југоисточната кула, надвор од границите на овој локалитет, се наоѓа средновековната црква Св. Ѓорѓи, околу која е откриена некропола.


Преземено од Wikipedia