Monday, January 12, 2009

Беловишка река


Беловишка река е шарпланинска река која извира под врвот Пирибег, тече низ тетовското село Беловиште и заврзува во Вардар. Позната е по своите водопади кои се едни од најголемите на Балканот.

Најголемиот водопад се вика Беловишка Скала и се наоѓа на месноста Долна Цкала. Има пад од 43 m. До него се стасува со големи напори, по околу 4 часа пешачење по тешко пристапен предел. Овој водопад, иако е поблизок до селото отколку Горна Цкала, до која треба да се изодат 2 часа, сепак е пооддалечен поради многубројните кривулести патеки низ карпите и шумите. Трите извори на Беловишка Река, која никогаш не пресушува во текот на годината, со сета сила на големата водна маса кај Долна Цкала паѓаат од височина од околу 40 метри врз каменлива подлога. Низ самиот тек на оваа река, по должината на кој се наоѓаат водопадите, водата е принудена да минува 100-тина метри долго корито камен и карпи, формирајќи удолу повеќе витли.

Река Радика

Радика извира на 2200 метри надморска височина под Враца. Од изворот до утоката во Дебарското Езеро е долга 67 км. На овој пат таа прима четири притоки и тоа: Рибница, Мавровска река, Жировничка река, и Мала река.Радика има чиста, бистра и студена вода со изглед на темнозелена боја што е последица од калциум карбонатот во неа.

Долината на Радика е една од најатрактивните и најживописните кањонски долини. Кањонот е стар неколку милјони години пробивајќи се меѓу планинските страни на Бистра и Стогово на Исток и Кораб и Дешат на запад.

Радика е единствена река Бифуркација во Македонија, која дава вода на два слива Јадрански и Егејски слив. Со канали дел од водите на Радика се носат во Мавровското Езеро и го полнат со вода, а од тука со подземни тунели во Вардар. Тука е изградена ХЦ "Врбен".

Куриозитет на долината на Радика претставува народната оригинална архитектура на селските куќи во Битуше, Јанче, Гари, Лазарополе и др. Околината на Радика изобилува со богат растителен и животински свет. Од дивечот има срни, диви свињи, дивокози, мечки, рисови, волци, лисици и др.

Покрај риболовот на пастрмки, постојат можности за лов на крупен дивеч. Непосредно над брегот при утоката на Радика во Дебарското Езеро се наоѓа бањата Косоврасти, познато лекувалиште за ревматски заболувања. Топлите 48 С сулфурни и радиоактивни води уште повеќе ја зголемуваат привлечноста кон Радика.

Река Пена


Пена или Тетовска Река е најголемата Шарпланинска река после Вардар во Полошката Котлина. Таа е и воедно најголема вардарска притока од шарпланинските реки.

Извориштето на реката започнува кај месноста Чабриолица и Борислоица, високо на Шар планина, на некаде околу 2.500 метри надморска висина. најпрвин течат две рекички, кои се соединуваат кај селата Вешала и Бозовце[1]..

Поминувајќи низ самиот центар на Тетово, таа се спушта во полошкото поле, и кај селото Сараќино се влева во Вардар.

Извориштата на реката се на околу 2.500 метри надморска висина и со висинка разлика од околу 1.914 m. Реката е долга 29,7 km. Таа во своето корито прима 12 други реки, од кои најпознати се Караниколска Река, Пржина, Вејчка, Лешничка, Бродечка и други[2].

Пена има големе значење за Градот Тетово и како симбол, а и како објект од голем економски потенцијал. Од туристичка гледна точка, реката со својот див планонски тек и прекрасни водопади, мами голем број на туристи. Од економски аспект реката е важна, бидејќи на неа се наоѓаат 4 мали хидроцентрали, од кои едната е прва хидроцентрала во Македонија.

Во 1979 година, после поројните дождови реката има надојдено и поплавено голем дел од Тетово, при што нанела големи штети[3].

Брегалница

Брегалница вo горниот тек

Брегалница е река во источниот дел на Република Македонија. Вкупната должина и е 225 км., а површината на нејзиниот слив изнесува 4307 км². Поголеми притоки се: од десната страна - Злетовска, Кочанска и Оризарска Река, а од левата страна - Осојница и Зрновска Река.

По нејзиното течение изградени се две вештачки акумулации: Ратево (кај Берово) и Калиманци (кај Македонска Каменица) длабока 80 м, долга 14 км, широка 0,3 км, која акумулира 127 милиони м³ вода.

Црна Река

Црна Река е најголема десна притока на Вардар. Нејзината должина изнесува 207 км.

Извира од изворот Црна Дупка во близина на селото Железнец на надморска височина од 760м. Од изворот до селото Бучин, Црна Река тече низ Демирхисарско, а оттука до селото Скочивир низ нашата најголема котлина Пелагонија. Низ Пелагонија таа има правец на течење север-југ, а од атарот на селото Брод прави лак и свртува кон исток и североисток. Од селото Скочивир таа влегува во Скочивирската Клисура, најдолга клисура во Македонија, долга 104м, како и во највисоката област Мариово. Низ Мариово Црна Река има карактер на планинска река, бидејќи е брза, со тесно корито, со високи страни со изглед на кањон. Навлегувајќи во атарот на селото Галиште, Црна Река започнува да се заезерува во должина од 30 км, бидејќи пред излезот од клисурата е подигната брана висока 105м. Така Црна Река го полни Тиквешкото езеро. Водите од Црна Река се користат за наводнување и за добивање на електрична енергија. Од браната во близина на селото Возарци, па до утоката во Вардар кај античкиот локалитет Стоби, Црна река има особини на рамничарска река.

Поголеми притоки на Црна Река се: Драгор, Јелашка Река, Белашица, Блато и др.

Црна Река располага со мошне значајна хидроенергетска моќ, особено во Скочивирската Клисура. Меѓутоа целокупната нејзина моќност не е потполно искористлива па затоа се прават планови за што поефикасно искористување.

Пелистерски очи


Пелистерските Очи се глечерски езера на Пелистер. Тие се две на број и се нарекуваат уште и Големо и Мало Езеро. Големото Езеро се наоѓа на надморска височина од 2218 m долго е 233 m, а широко 162 m. Малото Езеро се наоѓа на надморска височина од 2180 m долго е 79 m а широко 162 m. Големото е длабоко 14,5 m а малото 2,6 m. Кај Големо Езеро има планинарски дом со капацитет од 50-100 легла и прекрасни терени за планинарење, алпинизам и спортување.
Пелистерските очи се на 321 место за изборот
на ново 7мо светско чудо за ова можете повеќе да
дознаете на http://www.new7wonders.com/nature/en/nominees/europe/c/PelistersEyes/
Текстот е превземен од

Од Википедија, слободна енциклопедија


Црн Дрим

Црн Дрим истекува од Охридското езеро на 695 метри надморска височина, и ја напушта Македонија во близина на градот Дебар на 476 метри надморска височина. На македонска територија Црн Дрим е 56 километри долг. Но реката има вообичаен тек само нешто помалку од една половина од таа должина и тоа од Струга па се до селото Ташмаруништа. Напуштајќи го селото на север реката влегува во клисура и веднаш по неа формира езеро благодарение на брана висока 82 метри лоцирана 10 км на север на другата страна на езерото. Браната ја формира акумулацијата Глобочица создадена од водите на Црн Дрим.

Веднаш после хидроелектричната централа Глобочица, водите на Црн Дрим создаваат уште едно езеро со помош на брана висока 102 м во близина на градот Дебар. Ова езеро е најбогато со вода вештачко езеро во Македонија. Езерото акумулира 520 милиони кубни метри вода. Од езерото со помош на тунели водата се спроведува во хидроелектричната централа Шпиље. Во водите на Црн Дрим живеат најразлични видови на риби, како на пример крапот, кленот, јагулата, мрената, и други. Во овој момент водните капацитети на реката се искористени до максимум и таа претставува важен хидроенергетски потенцијал за Република Македонија. Двете хидроелектрични централи на Дрим произведуваат 580 киловатчасови електрична енергија годишно.

Во северниот дел на Албанија во близина на градот Кукс Црн Дрим повторно заезерува заедно со реката Бел Дрим. По утоката на Бел Дрим во Црн Дрим, реката тече се до вливот во Јадранското Море под едно име - Дрим.

Црн Дрим пред влевањето во Охридското Езеро

Реката Црн Дрим со својата клисура и двете вештачки езера станува се поинтересно место за рекреација не само за спортските риболовци туку и за сите оние кои сакаат да уживаат во нејзината убавина.